Во минатиот број ја споменавме меѓународната организација „Слоу фуд“. Според значењето и поради непознатоста на оваа организација кај нас, вреди за неа да се напише нешто повеќе, зашто се работи за движење што може да има многу допирни точки и со нашето поднебје
Рековме дека основач на „Слоу фуд“ е Карло Петрини, кој во 1986 како реакција на трендот за консумација на брза храна ги поставил основите на движењето. Тоа би требало да биде приод кон храната спротивставен на актуелните тенденции воопшто.
Основното залагање е за зачувувањето на регионалните квалитетни кујни, како и на билките, семињата, домашните животни и соодветните земјоделски техники.
Официјално, организацијата „Слоу фуд“ е формирана во 1989 година во Париз. Движењето е исто така познато и по името екогастрономија и е признаено од ФАО, организацијата за храна на Обединетите нации. Седиштето е во градот Бра, во Италија. Во 2009 година „Слоу фуд“ веќе постои во сто земји од светот и има повеќе од 100.000 члена.
ПРОТИВ ДЕГРАДАЦИЈАТА НА ИСХРАНАТА
Денес „Слоу фуд“ опфаќа широка палета залагања и активности. Пред сѐ тука е залагањето за спротивставување на деградирачките ефекти на индустријата за храна и на рестораните за брза храна што предизвикуваат своевидна стандардизација и унификација на вкусовите. Организацијата се залага за одбрана на прехранбениот биодиверзитет и за тоа има специјални програми. Исто така, организацијата настојува да ги промовира позитивните ефекти на потпирање на локалното снабдување со храна.
„Слоу фуд“ се стреми и кон афирмација на филозофијата на задоволство од исхраната, кое сѐ повеќе станува механичко задоволување на потребата. Затоа се настојува во едукацијата на децата да се развива добриот вкус за здрава храна.
Таа работи особено многу на зачувување на кулинарските традиции и обичаи. Поради тоа се настојува кон развој на туризам што ќе води сметка за околината, како и обезбедување помош за индивидуалните производители во негувањето квалитетни производи.
САЛОНИТЕ НА „СЛОУ ФУД“
За таа цел организацијата формира таканаречени „снабдувачки салони“, а најпознат е „Салонот на вкусовите“ во Торино, Италија, како и салонот за сирење во Бра. Тие денес имаат интернационално значење. На овој салон во Бра учествуваше и млекарницата „Вардар“ од Градско со своите сирења и кашкавал произведени на традиционален начин.
Се организира и „Салонот за потеклото на вкусовите“ во Монпелје, Франција. Познат е исто така и салонот во Гап, кој е насловен „Знаења и мириси од планината“, посветен на прехранбени производи создадени во планински области. Овие проекти (салони) се финансиски помогнати и од Европската Унија.
Залагањето на организацијата се протега и на противењето на класификацијата и монокултурата и пронаоѓање локално традиционални вредности во исхраната. Организацијата е така структуирана што овозможува да се разменуваат вредности и искуства, да се возобноват врските помеѓу производителите и консуматорите за да се има вистински хуман пристап.
Организацијата го поттикнува и заедништвото околу трпезата, заедништвото на семејниот и пријателскиот оброк. На брзата исхрана во рестораните им се спротивставува заедништво, дружење и уживање во храната и во пијалакот. Како во старите времиња, се настојува оброкот да се споделува со блиските.
Организацијата особено настојува да се користат свежи, фабрички необработени продукти. Особено е непријателски настроена кон „грицките“ што се користат сѐ повеќе. „Слоу фуд“ станува значајна организација што извонредно помага во регионално поврзување на производителите развива економски односи вредни за респект. Со тоа не само што се омасовува понудата туку се гарантира и квалитетот, се помага во заштитата на околината. Едноставно, ова движење поставува нови норми и стандарди во производството на храната.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=87121019512&id=43&setIzdanie=22649