АГРА 2022: Претставени македонското вино и традиционални земјоделски производи во Словенија

Саемот АГРА 2022, кoj од 20-25 август се одржува во Горна Радгоња, Словенија е еден од поголемите и позначајни меѓународни саеми, на кој се претставуваат изложувачи од голем број држави во светот, а со свој штанд е претставена и Република Македонија. Изложбениот простор на Македонија презентира повеќе области од земјоделството, економијата и можностите за инвестирање во развој на бизниси, особено продлабочување на соработката со Словенија, но и соработката со соседните земји и земјите од регионот.

Во рамки на македонскиот штанд свое учество зедоа и производители, членови на Слоу Фуд Македонија која организациски и логистички ја помогна нивната презаентација. Нашите производители ги презентираат македонските традиционални производи, маџун, мед, ладно цедени масла од сончоглед и афионово семе од „Био Оил“ и  македонското вино од семејните винарии „Ерос“ и „Наумчеви“.

Македонскиот штанд беше отворен со коктел и презентација, на која присуствуваше и министерот за земјоделство Љупчо Николовски заедно со претседателот на Словенија, Борут Пахор и министерката за земјоделство, шумарство и храна Ирена Шинко.

Оваа година, фокусот на саемот е ставен на меѓународната година на рибарството и аквакултурата, европската година на младите, иновациите и дигитализацијата, иднината на земјоделството, климатските промени и водните ресурси, органското земјоделство, храната, зајакнувањето на руралните подрачја, биодиверзитетот, шумите и дрвата и нашето здравје.

На саемот се претставуваат најновите технологии за производство, одгледување и преработка на глобалните брендови за земјоделски машини, машини за шумарство и опрема за прехрамбената индустрија.

„Саемот АГРА претставува можност за промоција на голем број земји, региони и организации, деловни и професионални институции. На саемот истовремено се случуваат голем број професионални, деловни и социјални настани, кулинарски дегустации, дегустации на вино, консултации за земјоделство, совети за безбедна работа во шумите, тркалезни маси и предавања за актуелни теми, тематски натпревари и многу други едукативни настани“, информираат од Министерството за земјоделство.

Презентацијата беше во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а како што информираат оттаму, посетителите изразиле задоволство од квалитетот и вкусот на македонската храна и вино.

Фото кредити: МЗШВ