Поглед: „Еко росалес“ ќе соработува со „Слоу Фуд“

Црвеното полжавче е сертифициран заштитен знак на „Слоу Фуд“. Македонската организација на „Слоу Фуд“ е дел од меѓународната. Таа има свои канцеларии во Ростуше кај Маврово и на факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Филипо Утерхофер, Италјанец оженет со македонка како претседател на македонската организација, заедно со претставник на англиската организација и претставници на други организации со слична определба вклучени во глобалниот проект „Балкански мостови“ и на 17 септември беа гости на регионалното здружение „Еко росалес“.

„Слоу Фуд“ е меѓународна организација која сака да го заштити биодиверзитетот во земјоделието преку промоција. Во налетот на индустриското производство на храна се јавува опасност да се изгуби традиционалниот начин на подготвување храна. Пред две години на овие простори почнавме програма за заштита на слаткото од диви смокви како традиционалната храна направена на старински начин. Во програмата ги вклучивме општините Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово. Кон крајот на октомври, на еден голем саем. Ќе направиме промоција на такво слатко од смокви произведено на овие простори. Во тоа ја имаме поддршката од Министерството за култура, па на саемот ќе настапи и КУД „Мирче Ацев“ со „Тешкото“ – изјави Филипо Утерхофер кој живее во Македонија.

– Кога овие краишта биле под отоманско ропство мештаните имале многу мака од турскиот аскер.  Покрај другото, војниците знаеле да запосенат во некоја населба и од населението да бараат да ги гоштеваат.  Стрвни за благи работи тие на домаќините им ги трошеле сите резерви од благо, па не останувало за нивните потреби. Затоа тие сиромашните почнале да варат благо од што ќе стигнат. Летото и есента некако се снаоѓале: грозје за зрна и за пекмез; тикви за слатко и за маџун; кори од лубеници за слатко; слатко и пита од кајсии и сливи; кисели јаболка и дуњи за слатко од мискимбер; сушени смокви; мармелад од смокви и цели варени смокви. И толку, тука завршува списокот. А родноста на овошките без заштита и без наводнување, не било којзнае каква за да се прават големи резерви. Па така останувале без слатко токму за пролетните празници на чело со Велигден. И тогаш им текнало „Дивите смокви најпрво пркнуваат и пред да ги пуштат лисјата ги даваат плодовите. Нив ниту магарињата не ги јадат. Туку, диви, не диви, да ги биде за слатко и да личат за пред луѓе.“ Така почнало и се стасало до денес. Ова, додека ме служеа со кафе и слатко од диви смокви, го слушнаа кај фамилијата Келешевци од Казандол кај која бев отишол да свршам некоја работа кога бев ветеринар . Како и да е слаткото од диви смокви е интересен како производ. Направено на традиционален начин со нагласка на неговите еко-својства може да биде еден од многуте брендови по која ќе ја препознаат Македонија – ја раскажа градоначалникот  Ристо Ичков  приказната за слаткото од диви смокви додека гостите од „Слоу Фуд“ и од „Еко росалес“ што ги беше примил  во кабинетот ги послужуваа со слатко.

 – Нашето здружение го формиравме како регионално за да ги промовираме карактеристиките на овие краишта. Го нарековме „еко росалес“ затоа што росалес е службеното име на дивата смоква како растение, а додавката-еко да асоцира на  еколошката чистота на слаткото од диви смокви. Смоквата како растение е карактеристична за овие краишта, а слаткото што традиционално се вари од  нив е овдешна специфика. По тоа ќе бидеме интересни. Сето ова се работи во соработка со фондацијата за германска економска помош за еднаков регионален развој ни кажа Оливера Стефановска Пачиколева од Дојран, претседателка на „Еко росалес

Ленче Петкова ги застапува Богданските интереси во „Еко росалес“ и во целата оваа иницијатива.

Објавено: Септември 2010
Медиум: Поглед, Богданци