Првото македонско издание на Slow Wine 2021, концепт граден низ годините на развој на Слоу Фуд движењето кое од самите почетоци негува култ кон виното, последниве години го преточува во независен вински водич.
Slow Wine, преку водичот, усвојува нов пристап на вреднување и промоција на виното и го разгледува неговиот квалитет од аспект на уважување на биодиверзитетот и традиционалното производство. Идејата на Slow Wine е да ги презентира уникатните приказни за винарите, нивната страст и поврзаност со земјата, лозјата, локалните вински сорти грозје и пејзажите, традицијата и технологијата на вино, со фаворизирање на оние кои спроведуваат еколошки одржливи практики на одгледување винова лоза и производство на вино. Во првото македонско издание на Slow Wine 2021 преставени се 7 винарии и 27 вина од локални, регионални и интернационални вински сорти кои се одраз на македонскиот тероар.
Oваа публикација е посветена на македонските винарии кои како нов бран се појавуваат во последниве години на винската сцена. Изборот на вина е направен врз основа на посети на винариите, разговори со винарите и сесии на сензорно оценување, благодарение на нашиот тим на експерти за вино, здружен во Slow Wine комитет. Водичот ги пренесува новитетите од винариите, кои ќе им помогнат на љубителите на вино да направат посвесен избор. Ова е само прв чекор, во следните изданија идејата е водичот да се проширува со нови винарии и вина.
Првото македонско издание на Slow Wine 2021 ќе биде промовирано овој петок, 03 декември 2021, во Кино Манаки во Битола со почеток од 18 часот, во рамки на на винскиот салон Slow Wine 2021 кој се одржува по трет пат, а оваа година под Slow Wine концептот.
Уредници на изданието се Слободен Чокревски и Николче Николовски
Автор на текст: Ивана Симјановска
Членови на Slow Wine комитетoт кои учествуваа во селекцијата на вината: Слободен Чокревски, проф. д-р Виолета Димовска; проф. д-р Горан Миланов, Ивана Симјановска; Александар Вучковски; Дејан Донев; Илија Малинковски; Марија Николовска; Петар Величковиќ; Трајан Димкоски; Лазар Плетварски; Елена Богева; Mилица Плетварска; Кире Петров; Горан Колев; Страшко Милошевски; Николче Николовски; Васко Марковски; Александар Клинчаров;
Насловна страница и илустрации: Рената Атаин (2021)
Дизајн: ОРТОГРАФ графичка работилница
Уредување: Жарко Стојановиќ
Фотографии: Петкамен
Издавач: Slow Food Macedonia © 2021 info@slowfood.mk / www.slowfood.mk