Новинарката и гастроколумнистка Валентина Тодоровска ни открива од кого ја наследила љубовта кон гастрономијата, како и тајната на правењето добра пита т.н. комат.
„Самото готвење, претпоставувам, е нешто наследно. Во нашата куќа храната секогаш била многу важна, нѐ обединувала, нѐ собирала на софра, а таму… Таму се граделе невидливи синџири на поврзаност, љубов, припаѓање…“, вели Тодоровска, која е и членка на „Слоу фуд“.
Храната ја сметам за најдрагоцена, бидејќи можеш да пиеш со секого, ама се јаде со најблиските, со најдрагите. Токму затоа, јадењето е привилегија за оние што се сакаат!
Јас имав среќа што растев со жени што и ден-денес ми се гастро-инспирација: од баба ми до мајка ми, а во однос на глобалниот вкус, им симнувам капа, им заблазувам и им се восхитувам на гастро-цариците, кои во многуте убавини што ги има на светот, со свои раце прават (или правеле) чуда на чинија.
Така и јас почнав да готвам, уште бев во основно и посакав да замесам пита, поточно, комат, и тоа смилевски. Беше тоа доста храбра и луда желба: питата беше тврда – камен, тестото неразмесено, како бетон. Но, тоа не ме обесхрабри, секоја следна пита беше сѐ подобра, и веќе со години уживам да месам: ме опушта, расположува, а од моите пити, знаат тие што ги пробале, секогаш се бара репете.
Смилевски комат
Се замесува брашно (помалку од кило), со малку квасец, ронче шеќер, 1 прашок за печиво, сол и млака вода. Тоа е најубавото: се меси додека брашното, односно тестото не почне да се одвојува од прсти. Се наросува брашно и се развлекува кора, на која мачкам путер, го расекувам тестото како на ленти и ги преклопувам, за да одмори, отстои.
Сега е на ред филот: најубав ми е со спанаќ (300 г), или блитва (2 китки), урда (300 г) и 3 јајца. Процесот е следен: се развлекува главната кора, се става во подмачкано тавче, и таа треба да е малку подолга, да излегува од тавчето, поради виткањето. Над неа се става веќе подготвениот фил, а потоа се „затвора“ со втората кора. Е, сега е речиси готово, се прави витка, се попрскува со масло, и се пече околу 45 минути. Откако ќе ја извадите питата, ја попрскувате со вода и ја покривате да отстои 5-10 минути. Така е супер за сечење, а за вкусот ќе раскажувате.
Уживајте во питата!
Автор: К.А