,,Трпеза” претставува архаичен збор со кој се означува местото каде се поврзуваат луѓето и заедно разговараат, уживајќи во богатството од вкусови на локалната и традиционалната храна.
Според повеќевековната стара традиција, секој домаќин кој би ве пречекал во својот дом, би ве поканил да седнете на неговата трпеза и заедно да уживате на истата во кругот на неговото семејство. Почитувајќи ја старата добра традиција, нормално е да се собереме сите заедно на една трпеза и истата да ја споделиме со сите граѓани на Македонија.
Настанот ,,Слоу Фуд Трпеза“ ќе се случува во текот на најголемиот саем на храна и земјоделство ,,Агрофуд” во Скопје, во периодот од 15-21 ноември 2011 год. на скопскиот саем Хала 3.
Таму, во рамките на ,,Еко-Етно Македонија”, ,,Слоу Фуд” ќе ја раскаже својата приказна која е поинаква од ,,модерните” трендови во производството на храна.
Семејството на ,,Слоу Фуд” во Македонија, заокружува една успешна година, исполнета со раст на организацијата, формирање на нови конвивиуми, зголемување на членството, продирање подлабоко во јавноста на неговата порака и учеството на повеќето локални и меѓународни настани.
Со тоа, ,,Слоу Фуд” го стекна својот кредибилитет да ги претстави активностите на десетте конвивиуми, ,,Тера Мадре заедниците” и двата президиуми: ,,Слаткото од диви смокви” и ,,Сирењата од Мавровско-реканскиот Регион”, на кои локалните производители ќе имаат можност да им ги понудат своите автентични производи на сите посетители.
Исто така, ќе бидат органзирани повеќе трибини на ,,Слоу Фуд”, биодиверзитет, млади фармери, екотуризам, ,,Гмо”, благосостојбата на животните, како и едукативните работилници за вкус, готвачките шоуа и дегустации.
Во текот на манифестацијата ќе биде одржана првата основачка конференција на ,,Youth Food Movement Македонија”, на која главниот збор ќе го имаат младите Слоу фуд членови, студентите и младите производители на одржлива храна.
На својата трпеза ,,Слоу Фуд” го поканува секој добронамерен граѓанин, да биде негов гостин, кој се надеваме дека ќе замине како наш пријател.