Железно време 2020

zelezno-vreme
Со насолзени очи и широк насмев си реков дека морам да го пробам рецептов во блиска иднина @ Давид Неделковски

Храната е патување низ просторот и времето. Давид и Александра не носат на едно такво патување, назад во „железното време“. Ви го споделуваме нивниот предизвик и истражување во гастрономијата од овој период. Ова е нивната приказна.

Јас не сум археолог, морав да ги прекинам студиите бидејќи козите неможеа да чекаат, но сеуште гори во мене таа страст кон праисторискиот и протоисторискиот период односно од неолитската револуција, па се до железното време. Патем собата ми е расфрлена со литература за доместефикацијата (припитомувањето), сточарската револуција и нејзиниот развој, како и  влијанието на сточарството во тие почетни општества со специјален акцент на козата во минатото.

Бидејќи ги следам најновите откритија од овие епохи неодамна открив страна од сферата на експерименталната археологија и гастрономијата во историјата, а во нејзе и рецепт од железното време, со насолзени очи и широк насмев си реков дека морам да го пробам рецептов во блиска иднина. Од наливот на возбуда веднаш и го препратив на мојата драга другарка Александра која ми кажа: ”Ејј, ај прави го во сабота, да те дружам”.

Железното време е период на технолошки напредок кога се веќе припитомени домашните животни и земјоделските житни култури @ Давид Неделковски

Нема да навлегувам во хронологија за железното време, туку само ќе појаснам дека се работи за период на технолошки напредок и почнува да се употребува железото, кога се веќе припитомени домашните животни вклучувајки ги и магарето и коњот и секако земјоделските житни култури (пченица, јачмен, овес…), мешункастите и овошните плодови зависно од регионот и поднебјето, во овој дел би додал дека развиена е и комуникацијата особено во Медитеранот и Средниот исток, но се случиле големи преселби (од југ кон север) во неколку наврати од предходните епохи па дел од придобивките се донесени и како импорт.

И така бидна, се натоваривме со намирници и керамички садови и тргнавме, времето беше тмурно, излеговме без козите, но подоцна ни се насмевна сонцето.

Рецептот се состои од едноставни сезонски намирници: млеко, овес, мед и јаболки.
Се става млекото на оган да се вари, во него се додава овесот, а потоа и јаболката која е сецкана на помали коцки и се заблажува со мед.

Ние малку го модифициравме рецептот согласно намирниците кои ги имавме на располагање.

Навистина уживав во ова патување назад во времето, особено со ваков сопатник ентузијаст @ Давид Неделковски

Наместо кравјо млеко како што го затекнавме рецептот искористивме секако козјо млеко, најтазе, наместо овес искористивме сварена пченица, како што може да се забележи на сликата имавме и овес, но тој е сточен и зелено окосен (козите го обожаваат), додадовме ореви и лешници како и екстра доза мед.

Да признаам никогаш не ми текнало да искомбинирам јаболко во млекото иако сум практикувал слични комбинации на житарки со млеко и суво овошје, убаво доаѓа омекнатото јаболко со некое зрнце заблажена пченица и лешниче пропратено со топло – нежен млечен вкус. Пријатен топол оброк за кон крајот на денот, кога почна да заладува, а фармерските активности се завршени.

Предизвик беше да се стигне до  финалето особено после секојдневните фармерски  активности @ Давид Неделковски

Навистина уживав во ова патување назад во времето, особено со ваков сопатник ентузијаст кој доколку не покажеше иницијатива, вероватно сеуште ќе се подготвував за реализација. Предизвик беше да се стигне до  финалето особено после секојдневните фармерски  активности и справувањето со сите потреби на козите, огромно е значењето на локалните плодови и подготовката на храна која не движи нас луѓето од праисторијата па се до денешен ден.

И благодарам на Caroline Nicolay за рецептот и концептот на кој работи и и посакуваме голем успех, не се познаваме лично но стапивме во контакт, остави топол и пријателски впечаток, верувам дека во иднина ќе не посети во Раштак на фармата.

Повеќе детали за нејзиниот труд ќе најдете на facebook: Pario Gallico -Historical Food and Crafts.

Имам на ум уште неколку вакви далечни патувања, но козите пред се.  🙂

Автор: Давид Неделковски

Давид Неделковски е фармер, производител на козји сирења на неговата фарма „Кози, млеко, планина“ во село Раштак на Скопска Црна Гора и активист на Слоу Фуд.

Александра Атанасовска е млада готвачка, член на Алијансата на готвачи на Слоу Фуд, со активстички пристап во истражувањето на локалниот биодиверзитет, традициите и се што нуди природата, а може да се презентира на модерен начин во чинијата. Нејзин заштитен знак се „тајните вечери“ во организација со Бохо.