Во периодот од 1 – 6 август 2011 во Турда, Романија се одржа летен камп насловен „,YES Food – Young Europeans for Sustainable Food“ организиран од „Слоу Фуд Турда“ во соработка со „Слоу Фуд“ и „Тера Мадре“.
На настанот учествуваа 80 млади луѓе од 12 европски земји меѓу кои и Македонија со осумчлена делегација.
На овој настан имавме можност да го збогатиме своето искуство и знаење за промоција и заштита на одржливото производство на храна преку одржување на работилници за подготовка и вкусување на квалитетна храна и посета на локалните производители на храна во Трансилванија.
Настанот имаше богата програма. После нашето пристигнување и сместување учествувавме на прес-конференција во Турда, на која учество зедоа претставници на ,,Slow Food Turda”, ,,University of Agricutlural Science and Veterinary Medicine”-Cluj Napoca, ,,Radu Anton-Roman Initiative Group”, ,,Chef Cezar Association”, ,,Adept Foundation”, ,,Potaissa Foundation”, ,,Liquirizia Onlus” и ,,Eco Ruralis Association”.
По завршувањето на прес-конференцијата Chef Cezar направи презентација на готвење на храна на начин на кој би се задржале сите битни состојки и вкусови на храната која се приготвува, а истата имавме можност веднаш да ја пробаме.
Chef Cezar кој е познат во светски рамки и има долгогодишно искуство во готвење и кој е запознат со многу национални кујни, во наредните неколку дена од нашиот престој таму секојдневно одржуваше презентации со готвење со потенцирање на важни податоци за состојките кои ги употребуваше, а притоа употребуваше само свеж сезонски зеленчук и зачини.
На крајот од секоја негова презентација имавме можност веднаш да го пробаме секое негово приготвено јадење.
Потоа се упативме кон рудникот за сол ,,Turda Salt Mine”, во кој, во минатото се произведувала сол за јадење, а од 1992 година претставува туристичка атракција и место за халотерапија.
Рудникот за сол можете да го видите на следниот линк:
Наредниот ден ја посетивме градинката „Dr. Ioan Ratiu“, каде Marta Pozsonyi од „Слоу Фуд Романија“ не запозна со проектот „Life in the green garden“, кој вклучува одгледување на зеленчук и овошје во училиштата и детските градинки како и придобивките и проблемите со кои се среќаваат при водењето на овие проекти.
Потоа следуваше посета на семејство во едно од локалните села кое сеуште ја негува традицијата на правење на домашен леб и кифлички без никакви додатоци и адитиви. Домаќините не пречекаа со козињак и сол пред својата порта, а во чест на нашата посета веќе имаа направено дел од своите производи така што имавме можност да ги пробаме, а воедно и во живо ја видовме нивната подготовка – од месење на тестото до печење во фурната на дрва во нивниот двор.
На настанот делегациите од повеќе земји се претставија со презентации и дегустации на оригинална и автентична храна и пијалоци. Така имавме можност да пробаме француско сирење, домашно направена паштета со парчиња од гуска и див зајак конзервирана во сало и три типа на француско вино.
Словенската делегација се претстави со презентација и дегустација на 15 видови на вино од 4 региони во Словенија.
Делегацијата од Грузија се претстави со оригинален чаден кашкавал во форма на стапчиња и десерт, кој исто така имаше форма на стапчиња, а се состоеше од „желе“ од гроздов сок со ореви во средината.
Српската делегација направи дегустација на мелени пиперки со лук, кисела зелка, два вида на варено слатко и српски мед.
Домаќините од Романија направија презентација за пчелни производи – мед, полен, млеч и прополис и кратко за животот и одгледувањето на пчелите и пчелните семејства и дегустација на 5 видови на мед од различни медни растенија. Тие на настанот се претставија и со дегустација на млечни производи: 2 вида на сирење – бело и жолто слатко сирење, изварка и путер, како и презентација на нивно подготвување.
Нашата делегација направи презентација на тема „Агрикултурната политика на Македонија и улогата на младите луѓе во агрикултурата“, која ја водеше Никола Ѓорѓиевски. Од голема важност беше презентацијата која беше направена за циронките- нивна конзервација и конзумација, затоа што „Слоу Фуд Битола“ се залага за нивно вбројување во „Арката на вкусови“ и добивање „Президиум“ за овој исклучителен оргинален македонски производ.Освен презентациите нашата делегација организира дегустација на веќе востановениот президиум – слаткото од диви смокви, бело и црвено вино од Тиквешкиот Регион, слатки од цреши и тиква и македонска и влашка баклава.
Бугарската делегација направи научен труд на проектите за одгледување на зеленчук и овошје во градинките и школите за едукација на младите, се разговараше за поволностите и проблемите од овие проекти со кои се соочуваат како организатори.
Претставник од грузиската делегација изложи идеја за промотивни материјали со која „Слоу Фуд“ како организација би допрела до граѓаните на глобалното село и би ја подигнала нивната свест и култура за одгледување и конзумација на здрава храна.
На настанот се прикажуваа и документарни филмови за значењето и односот кон храната, а беше разгледан и проблемот со фрлање на храна.
Еден ден беше резервиран за прошетка низ планината и берење на боровинки и малини кои беа искористени за работилницата за подготовка на слатко и десерт.
Настанот вклучуваше и арт работилница за цртање, водена од Монири, член на француската делегација и работилница за грнчарство која ја водеа локални луѓе.
Настанот беше заокружен со подготовка на свечена вечера од Chef Cezar и доделување на Сертификати за учество на кампот од нашата домаќинка Marta Pozsonyi од „Слоу Фуд Турда“.
Повеќе информации на следните линкови:
http://slowfoodturda.blogspot.com/
http://www.terramadre.info/pagine/welcome.lasso?n=en
http://www.chefcezarm.com/