Партнери во претставување на Македонија надвор од нашите граници


Со словенечки и македонски традиционални песни и ора и официјално беше отворен еден од најголемите саеми за земјоделство и храна во Централна и Источна Европа, АГРА 2018, што се одржува во Горња Радгона, Република Словенија. Годинава Македонија, ја имаше привилегијата да биде земја-партнер на Словенија, на еден ваков престижен саем.

На посебен штанд беа претставени традиционалните македонски вредности при производството на храна и вино, вредностите на културното богатство, но и можностите за инвестиции, од страна на Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство со поддршка од Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка.

Со цел подобро да се промовираат традиционалните производи, во соработка со Слоу Фуд Македонија на саемот се организираше ручек за сите министерски делегации и поканети гости, каде што присутните имаат можност да ги вкусат македонските традиционални јадења и да наздрават со најквалитетните македонски вина.

Шеф Бобан Симоновски, член на Алијансата на готвачи во Слоу Фуд Македонија, со својата креација и вештите раце им ги доближи на присутните, автентичните специјалитети во кои ги вклучи, македонските локални и органски производи, производите од македонските президиуми и производи кои се на Арката на вкусови. На тој начин успеа да го потенцира нивниот квалитет и да допре до сетилата на присутните Македонската кујна блесна во полн сјај во „Винскиот подрум“, на што не останаа рамнодушни бројните гости.

Текст: Василка Стефановска
Фото кредит © Бобан Симоновски

Поддржано од „Програма за зголемување на пазарот на трудот“, кој го реализира Swisscontact Macedonia, а финансиран од “Swiss Agency for Development and Cooperation“. Ставовите изнесени во статијата не ги изразуваат ставовите на донаторот.