Луѓето што ја произведуваат квалитетната храна се вистински херои

Разговор со Павел Милановски, 15 години, од Куманово, средношколец во ДСУ „Лазар Личеноски“ во Скопје, добитник на наградата на конкурсот за цртеж на Светската организација за храна (ФАО).

Павел, на почетокот на 2021 година кога сè некако беше смирено и монотоно, ти ја разбранува македонската јавност благодарение на твојот успех − наградата за цртеж на Светската организација за храна ФАО. Како дојде до учество на овој конкурс и како го доживуваш ова големо признание?

-Кога ја дознав темата на конкурсот од мојот ментор Далибор Јовановски, веднаш се потсетив на макотрпната работа, но и желбата и надежта за богат род на мојот роднина и ми се јави желба да учествувам на овој конкурс. Ова големо признание ми значи како голема мотивација да продолжам и понатаму да се натпреварувам и да постигнам поголеми успеси.

Темата на наградениот цртеж се земјоделците кои се херои на денешницата. Кој е твојот допир со земјоделството и со природата?

-Уште на мала возраст моите родители секој викенд одеа заедно со мене во набавка на свежа и здрава храна кај мојот стар роднина, којшто многу внесуваше труд во сопствено производство, а истата храна толку евтино ја продаваше. Ми беше жал за него, за маките и грижите низ кои поминуваше тој и мислев дека е сиромашен. Но, не бил. Сега знам дека да не беше стариот роднина, јас никогаш немаше да го знам вкусот на природната и здравата храна.

Дали мотивите поврзани со храната и земјоделството те инспирирале и те инспирираат и дали си создал и други цртежи на оваа тема?

–  Да, ме мотивираат работниците во нивите кои макотрпно по цел ден работат за да ја создадат здравата храна за луѓето. На оваа тема немам други цртежи, но би сакал да направам во иднина.

„Херои на храната“ постерот со кој победи Павел Милановски на конкурсот на ФАО

Наградата ја доби како ученик во основно училиште, а сега си веќе средношколец во Скопје. Се запиша во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“. Кои се твоите визии за иднината и кој е твојот сегашен поглед кон ликовната уметност?

– Сакам да продолжам и понатаму, да совладувам нови техники и стекнувам нови способности во ликовната уметност. Активно да се вклучувам во секој проект и да се докажам како уметник на којшто допрва ќе му следи кариера и слава.

Твојот цртеж заедно со тебе ја краси насловната страница на вториот број од  списанието „Полжавче“. Полжавче е списание за училишните активности на организацијата Слоу Фуд Македонија чија окупација е храната и земјоделието. Бидејќи „Полжавче“ е наменет и за учениците од основните училишта и за наставниците и сите оние кои се залагаат за земјоделство во склад со природата и за квалитетна храна, која е твојата порака до нашите читатели?

Би сакал да посочам  дека работниците − земјоделците се вистински херои бидејќи ја создаваат здравата храна за луѓето која е неопходен фактор за живеење, да не се понижуваат, туку да се почитуваат и да се вреднува нивната макотрпна работа.

Интервју: Филип Димкоски

Фотографии: Елеонора Стојановиќ

Интервјуто е превземено од „Полжавче“ бр.2