На престижни кулинарски школи, македонската кујна во срцето

Млад готвач, на пракса во Европскиот парламент, а веќе му подготви специјалитет на претседателот на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) Мартин Шулц. За него веројатно допрва ќе слушнеме. Горд Македонец, како што вели, роден во Франкфурт, школуван во Италија и на престижниот универзитет Cefppa Adrien-Zeller кај Стразбур.

Тоа е Даниеле Роберто, 22-годишно момче кое својата љубов кон кујната ја открива од мали нозе. Завршил во угостителската гимназија во Торино, пет години. Потоа, бил меѓу четворицата кои годишно ги одбира унивезритетот Cefppa Adrien-Zeller.

– Се школувам во Европскиот центар за професионална формација за угостителска индустрија за кој добив стипендија. Имав среќа да го поминам нивниот тест за упис. Мислам дека, меѓу другото, познавањето на францускиот јазик ми беше предност. Сега сум трета година. Следат уште две по кои ќе стекнам диплома и мастер во кулинарската уметност. Паралелно одам на курсеви кои ми овозможуваат алтернативна теорија и пракса во школото, плус практична работа во Европскиот парламент. Школската програма го опфаќа секој аспект од интернационалната кујна, како и француската, но се учи и енологија и слаткаристика, раскажува Роберто.

Да се работи во Европскиот парламент за него е вистински престиж, голема професионална можност во која секојдневно инвестира многу труд.

– Клиентите во Парламентот се пребирливи, остроумни. Затоа нашата филозофија е апсолутна грижа, а тоа значи голема одговорност, нагласува младиот готвач.

Во кујната, вели, не постојат тешки или лесни рецепти, туку рецепти за кои треба повеќе трпение, прецизност, посветеност и респект.

– Да се репродуцира типичен рецепт од друга земја со која се нема релација е тешко изводливо и никогаш не сум задоволен со резултатот, истакнува Роберто.

Тој ја претпочита италијанската кујна, но љубител е и на македонски јадења.

– Италијанската кујна го има вкусот на моето детство, но многу ги сакам и македонските јадења кои ги правеше баба ми со многу љубов. Омилени ми се толчени пиперки и нормално, ќебапи. Во една прилика, овој специјалитет им го подготвив на моите колеги, додава Роберто.

Откако живее во Стразбур, Даниеле еднаш оди дома во Италија и еднаш во Македонија.

– Македонија е земјата на која и припаѓам од страната на мајка ми и во која поминував по три месеци додека бев дете, за време на школскиот распуст. Секојпат кога се враќам, уживам во кујната на мајка ми, прво зашто ми се допаѓа кога ме разгалуваат и второ, зашто нема подобра кујна од нејзината. Јадењата што ги подготвува мајка ми се зачинети со многу љубов и ме враќаат во детството, напоменува Роберто.

Пред две години првпат ги однел девојката и нејзиното семејство во Македонија.

– Горд сум на мојата земја и сакав да им покажам од каде потекнувам. Македонија многу им се допадна, беа воодушевени од гостопримството и великодушноста на македонскиот народ, како и од македонската кујна, дополнува готвачот.

За време на десетодневното стажирање во Дрезден, испратен преку Cefppa Adrien-Zeller, Роберто разбудил љубопитност кај германска новинарка од Sächsische Zeitung. Таа веќе објави текст за него и за неговата, како што нагласува, кулинарска љубов, со наслов „Италијанец готви француски“.

– Мојот сон е еден ден да бидам шеф во реномиран ресторан, не е важно каде, во Европа, САД, Азија, потенцира Роберто кој зборува течно шест јазици меѓу кои и македонскиот, но, со строго, како што сериозно, а низ смеење вели, кавадаречки дијалект.

Teкст: Мирјана Чакарова, МИА
Фото кредит © sz-online.de, МИА