Печени пиперки со макало од бадеми

Пиперките, на секого од нас, најмногу му се допаѓаат во есен кога се зрели и црвени, посебно печени на плотна, тогаш нивното месо е најслатко.

Апетитот се појавува, уште кога ќе се разлее мирисот во кујната, додека се печат, а се зголемува додека ги лупиме. Иако секој ќе се пожали дека денес има пиперки на менито за ручек, кога ги нема, едноставно ни недостигаат. Печените пиперки се одлична основа за голем број комбинации, започнувајќи од класиката со бело сирење, магдонос и лук.

И додека сеуште ги имаме во бавчите и пазарите, ви споделуваме едноставен, но софистициран рецепт.

Печените пиперки, вообичаено се послужуваат прелиени со масло, посипени со магдонос и лук. Но, кога на оваа комбинација ќе додадете печени бадеми, нема да можете да оддолете на ова искушение, бидејќи бадемите го продлабочуваат нивниот вкус.

Овој рецепт може да го послужите и во форма на сендвичи со пченичен леб и парче козјо сирење.

Потребни состојки:
• 12 црвени пиперки
• 5 лажици маслиново масло
• 1 мало лажиче сол

за макалото:
• 100 грама излупени бадеми
• 1 мала главица лук
• 1 мала китка магдонос
• 1 лажица јаболков оцет
• 100 милилитри маслиново масло
• сол

Подготовка:
Врз загреана плотна испечете ги пиперките, рамномерно од сите страни. Испечените пиперки соберете ги во мал сад со капак. Оставате ги 15-20 минути да се изладат, така полесно ќе се лупат.
Отстранете ги лушпите од пиперките и расечете ги надолжно, така полесно ќе ги отстраните дршките заедно со семињата. Ставете ги излупените пиперки во сад, посолете ги и прелијте ги со маслиновото масло.

Подгответе го макалото: најпрво истостирајте ги бадемите во плитка тава на рингла со умерена топлина, повремено промешувајте се додека не добијат златна боја. Не дозволувајте ништо да ви го одвлекува вниманието – бадеми може во секунди да изгорат.

Ставете ги бадемите во блендер, потоа додадете ги излупените чешниња лук и магдоносот. Блендирајте ги до груба (зрнеста) структура на парчињата бадеми и лук, додадете го јаболковиот оцет, маслиновото масло и солта. Добро промешајте ги.

Сервирајте ги подготвените пиперки во чинија, до нив додадете 1-2 лажици од подготвеното макало.

Совет:
Истурете малку повеќе масло, врз испечените пиперки. Промешајте за да се измеша со сокот кој се одвојува од пиперките.
Сокот од печените пиперки е сладок како карамел со овошни тонови. Тоа е богатство што никогаш не смее да се фрли: смесата од сокот од пиперките со маслиново масло одлично би се вклопиле како прелив врз парчето козјо сирење кое може да го сервирате покрај пиперките и макалото во чинијата.